Орав: Политичката криза е во ќор-сокак,има сериозно кршење на владеењето на правото

Од:

Европската Унија е длабоко загрижена поради политичката криза која наместо да се решава, се најде во ќор-сокак, изјави денеска евроамбасадорот Аиво Орав, придружуван од амбасадорите на земјите членки на Унијата.
Наоѓањето начин за излез од кризата треба да биде прашање на денови за главните партии, а не да се пролонгира со недели и месеци, порача Орав.
„ Помина повеќе од еден месец откако Собранието повторно се свика. За жал, не видовме прогрес за решавање на политичката криза во земјата. ЕУ е сериозно згрижена за ситуацијата. Ние сме едногласни во потребата политичките лидерите на земјата да се вклучат во отворен дијалог. Партиите мора да се согласат како понатаму да се имплементира Договорот од Пржино, вклучувајќи го и создавањето услови за веродостојни избори“, рече Орав.
Евроамбасадорот истакна дека во изминатиот период е забележано сериозно кршење на владеењето на правото и порача дека тоа е спротивно на демократските принципи.
„ Во изминатите месеци, владеењето на правото се соочуваше со многу предизвици, вклучувајќи го и помилувањето од претседателот на државата. Владеењето на правото е темел за силно демократско општество. Затоа, исто така е важно да се имплементираат реформските приоритети што ги предложи Европската комисија“, стои во заедничката изјава на европските амбасадори.
Според нив, работата на Специјалното јавно обвинителство не смее да се попречува и ги повика властите и институциите да престанат со опструкциите.
„Остануваме загрижени за проблемите со кои се соочува Специјалното јавно обвинителство при својата работа. Ги повикуваме сите тела, особено партиите кои се согласија да се воспостави Специјалното јавно обвинителство, да престанат да го опструираат и да му дадат целосна поддршка. Исто така, сите проблеми со кои се соочува оваа институцијата мора приоритетно да се решат“, рече евроаамбасадорот Орав.
За одлуката на СДСМ да го замрзне своето учество во Собранието, евроамбасадорот рече дека тоа се коси со тенденциите за зајакнување на демократијата.
„Демократијата се зајакнува преку целосно учество во институциите, со што се осигурува нивно демократско функционирање и поголема внатрешна контрола и балансираност. Сите повторуваме дека Договорот од Пржино останува најдобар начин за земјата да излезе од актуелната криза. Веруваме дека во интерес на земјата и на нејзиниот евроатлантски пат е главните политички партии да договорат заеднички начин за излез од кризата во следните денови, а не во следните недели или месеци “, стои во изјавата.

Би можело да ве интересира

Орав: Очекуваме кризата наскоро да заврши

Емир Латифовиќ

(ВИДЕО) Шекеринска бара брзо решение на кризата, Тодоров избега од новинарите

А1он

(ВИДЕО) Орав и Бејли по средбата со политичките партии најавуваат можен излез од кризата во текот на неделава

А1он

Амбасадорот Орав на „Отворен ден на ЕУ“ во Велес

Емир Латифовиќ

ЕУ амбасадорот по интервјуто на Латас со Заев: Избалансирано медиумско известување???

А1он

Орав: Продолжуваат преговорите, законите ќе бидат повлечени

Емир Латифовиќ