Вечерва во 19 часот пред зградата на Специјалното јавно обвинителство во Скопје ќе почне протестот под мотото „Граѓаните доаѓаат по правдата“.
„Вечерва во 19 часот ќе се собереме пред нашата тврдина, симболот на правдата – Специјалното јавно обвинителство! Ќе бидеме здружени, силни, одлучни и одговорни! Бараме граѓаните да бидат дел од решението на кризата и доаѓаме за да го осигураме нашето учество! Бараме криминалците да одговараат и ќе ги притиснеме институциите да покажат дека крадењето и угнетувањето не смее да бидат исплатливи дејности! Бараме преодна влада и не отстапуваме додека не се осигураме дека таа влада ќе обезбеди слободни избори и слободно гласање! Сограѓани од цела Македонија, се гледаме!“, се наведува во повикот објавен на страницата на Фејсбук Шарена револуција.
„Ние не простуваме! Ние не дозволуваме преговори за нашата иднина и иднината на нашите деца водени зад затворени врати! Лути сме и гневни на политичките елити што предолго нè држат во статус кво со неуспешни и нетранспарентни преговори без учество на граѓаните! Доста ни е од преговори во кои ние сме нем и пасивен набљудувач! Нашиот глас мора да биде слушнат и од власта, и од опозицијата! И ќе биде слушнат! Ако не во таа мала соба за преговори, ќе нè слушаат од улиците и плоштадите на оваа држава!“, порачаа активистите од Протестирам.