Една, втора, трета… Се најавуваа подземни сообраќајници на кејот, ама на крајот испадна дека треба да се направи надземна сообраќајница.
А и зошто некој што го добил тендерот за објектот на плоштадот и имал обврска да изгради подземна сообраќајница да троши пари? Или, како што и се претпоставуваше, со испробаниот рецепт на власта-да се распише тендер кој има специфичен услов, кој потоа се брише како да не постоел.
Иако условот за да се гради објектот Народна Банка на скопскиот плоштад беше задолжително да се изгради и подземна сообраќајница од 350 метри должина и 6 метри ширина, не се ископа ниту метар.
Инвеститорот сакаше, општина Центар демек не даваше , па го одобруваше планот, па после подолго молчење, излезе со нов план-дека ќе се гради надзмена сообраќајница, или просто кажано ќе се истури еден камион асфалт до кафулињата на кејот.
Општината се обидува сите да не пренесе жедни преку Вардар, иако допрва ќе се поставува прашањето чии интереси штити штом кејот го претвора во сообраќајница и кому му прости неколку милиони евра, потребни за подземна сообраќајница?
Допрва, се повеќе возила ќе проаѓаат на половина метар од поставените маси во кафулињата на кејот, и тоа ќе биде реалноста засекогаш, иако досега не убедуваа дека тоа е само привремено решение.
На новиот спот „ Macedonia Timeless“ овој момент и „генијално решение“ ги нема, исто како и тарабите на Мостот на уметноста кој сеуште не изгледа како што му го претставуваме на светот.