Голем број граѓани ја блокираа улицата пред полициската станица “Пролет“ во знак на протест за приведувањето на сопственикот на пикапот кој секојдневно пушта музика на протестот на Шарената револуција. Револтирани од притворот за демонстрантот, тие самите напишаа кривични пријави, во кои бараат дури и казна со бесилка.
Како што се зголемува бројот на граѓани пред полициската станица, така се зголемува бројот на полициското обезбедување, а на прозорецот над влезот на станицата може да се забележи камера со која МВР повторно ги снима демонстрантите.
Се очекува наскоро сопственикот на пикапот да биде пуштен.
Од „Шарена револуција“ и на својот „Фејсбук“ профил објавија: „Режимот повторно се обидува да удри по нашите соборци, но нема да им успее! Вечерва, на крајот од протестот во Скопје, од страна на неуниформирани полициски лица приведен е Џовани, возачот на пикапот на #ШаренаРеволуција од каде секој ден ечат нашите гласови и нашите звуци. Џовани се наоѓа во полициска станица Пролет (Кисела Вода). Нема објаснување зошто е приведен, кажано му е да чека. Пред полициската станица веќе се собираат стотици граѓани во знак на поддршка на нашиот соборец. Џовани, со тебе сме, знаеме сите дека ќе има правда и ќе има мир. Ќе издржиме зашто заедно сме силни, зашто слободата е на прагот, а до тогаш #НемаПравдаНемаМир!“, пишува на ФБ статусот.