Македонска делегација на молебен на гробот на свети Кирил во Рим

Од:

Во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на свети Кирил“ денеска во Рим ќе се одржи молебен на гробот во базиликата „Сан Клементе“. На молебенот со кој ќе чиноначалствува митрополитот Тимотеј, присуствува македонската делегација предводена од претседателот на Собранието на РМ, Трајко Вељаноски, јави известувачот на МИА.

Ова е централен настан во рамки на манифестацијата која по 48. пат се одржува во Рим. Поклонението на гробот првпат е организирано во 1969 година за 110 години од смртта на свети Кирил и оттогаш секој 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.

Годинава се одбележуваат 1145 години од смртта на сесловенскиот просветител свети Кирил.

СВ.КИРИЛ ИЗЛОЖБА ВО РИМ

Манифестацијата синоќа почна со отворање на изложбата „Св. Климент Охридски и неговите претстави во ликовната уметност“ и концерт на гитаристот Дарко Багески.

Изложбата која е поставена во Понтификалниот универзитет „Урбанијана“ ја отворија претседателот на македонскиот Парламент, Трајко Вељаноски, а се обрати и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

– Поводот за кој на сите нас во овој убав град ни се спојуваат патиштата е манифестацијата посветена на светите браќа, сесловенските и рамноапостолни просветители Кирил и Методиј. Празнувањето на оваа манифестација за мене лично, а верувам и за сите вас е особено значајно поради единственото историско, културолошко и епохално значење на светите Кирил и Методиј произлезено од нивната просветителска мисија. Истата онаа мисија која е поттик на еден епохален цивилизациски процес и создавањето на првата словенска азбука – глаголицата, рече Вељаноски.

Министерката Канческа Милевска оцени дека изложбата е несомнено еден придонес во непроценливото наследство што го оставија светите браќа Кирил  и Методиј и нивните следбеници свети Климент и свети Наум. Наследство, како што рече, кое и денеска се огледува во живиот и динамичен  јазик и култура кои опстојуваат од Западна Европа до крајниот Исток на евроазиското тло.

– Историјата потврдува дека Македонија уште во далечниот 9. век и даде извонреден пример на Европа докажувајќи дека старата медитеранска култура и цивилизација може своето акумулирано знаење да го пренесе низ големите отворени пространства на континентот, истакна Канческа Милевска.

Изложбата содржи книжевно богаство од над 350 илјади книги напишани на повеќе од 530 светски јазици, како и икона која со ликот на свети Климент која датира од 13. век.

Во текот на изминатите години, во рамки на традиционалното чествување на делото на светите браќа Кирил и Методиј во Рим, со поддршка од Министерството за култура беа претставени вредни изложби, меѓу кои: „Македонски бронзи“, „Антички теракотни фигурини од Македонија“, архивската изложба „Македонија низ вековите“, „Словенски ракописи од Македонија од 13 до 19 век“ кои беа презентирани во престижните Ватикански музеи, изложбата на „Македонска резба“ која беше поставена во монументалниот простор на комплексот Виторијано во Рим.

Со годинашната изложба на Заводот и музеј од Охрид насловена „Св. Климент Охридски и неговите претстави во ликовната уметност“, Република Македонија го продолжува континуитетот во претставувањето на високите вредности на македонското културно наследство и творештво пред европската и светската јавност.

Традиционалниот прием на македонската делегација во Ватикан во рамки на оваа манифестација годинава се одржа на 16. мај поради обврски на папата Франциск.

Овој празник традиционално се одбележува со посета на државна делегација од Македонија од 1960 година. Денот во Македонија првпат е одбележан на 11 мај 1860 година во црквата Света Богородица, а црквата во 11 век го прогласила 24 мај, односно 11 мај по стар стил за Ден на светите Кирил и Методиј. Датумот е избран бидејќи го означува почетокот на Моравската мисија.

Би можело да ве интересира

Ден на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј

Ана Ололовска

Џафери и македонска делегација на молебен во базиликата „Сан Клементе“ во чест на Свети Кирил и на аудиенција кај папата Франциск

Ана Ололовска

Започна дводневното одбележување на Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, 24 Мај

Млади музичари од МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ дел од програмата на чествувањето на Кирил и Методиј во Рим

Ана Ололовска

Џафери предводи државно – црковна делегација во Рим и Ватикан на манифестацијата во чест на Св. Кирил

Ана Ололовска

Свечености по повод 74-годишнината од основањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј

Ана Ололовска