Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски денеска упати допис градоначалникот на општина Чаир, во кој бара информации за ангажманот на општина Чаир околу поставување на спомен обележјата кои беа поставени ноќта помеѓу 21 и 22.05.2016 година на територија на Општина Центар – Скопје.
Еве што стои во дописот:
Почитувани,
Го доставуваме ова барање до Вас, со цел да добиеме информации за Вашиот ангажман околу поставување на спомен обележјата кои беа поставени ноќта помеѓу 21 и 22.05.2016 година на територија на Општина Центар – Скопје. За поставувањето бевме известени од медиумите, иако како ЕЛС сме носители на договорот за набавка на истите.
Имено, Вие како општина, издадовте соопштение до медиумите дека давате логистичка поддршка за поставување на спомен обележјата.
За да може Општина Центар да ги извршува своите законски надлежности и да постапи согласно Договорите за јавна набавка за лиење во бронза на спомен обележјата, склучени уште во 2012 година, Ве молиме да ни ги доставите следниве информации:
– Во кој дел Општина Чаир – Скопје имаше свој ангажман околу поставувањето на спомен обележјата;
– Согласно кој Закон и кои Законски надлежности, Општина Чаир асистира или дава логистичка поддршка за поставување на спомен обележја на територијата на Општина Центар.
Градоначалник
Андреј Жерновски