Нобеловката за мир Аунг Сан Су Ќи, лидер на Националната лига за демократија (НЛД), истовремено ќе зазема четири министерски функции во новата Влада на Мјанмар, информира денеска претседателот на Горниот дом на Парламентот Ман Вин Кајнг Тан, на церемонијата на која на должноста стапи новиот претседател на земјата, пренесе ТАСС.
Во Парламентот во Најпидау денеска свечена заклетва положи претседателот на Мјанмар, Тин Чо, кој на оваа функција беше избран на 15 март. Церемонијата директно се емитуваше на главните телевизии во земјата.
– Парламентот го одобри назначувањето на Аунг Сан Су Ќи за министер за надворешни работи, за министер во претседателската администрација, за министер за образование и за министер за електроенергетика и енергетика, прецизира Ман Вин Кајнг Тан.
Новата Влада на Мјанмар ќе почне со работа на 1 април.
Парламентот на 20 март ја утврди новата структура на владиниот кабинет, предложен од Тин Чо, со која се намалува бројот на министерства и, според новиот шеф на државата, обезбедува заштеди од 4,1 милиони долари годишно.