Високиот претставник на Стејт Департментот, Хојт Брајан Ји, по остварените средби во владата истакна дека САД и ЕУ внимателно го следат спроведувањето на Договорот од Пржино, работата на Специјалното јавно обвинителство, потребните реформи и однесувањето на медиумите, како и прочистувањето на Избирачкиот список.
– Внимателно ги набљудуваме некои од специфичните проблеми, односно Избирачкиот список кој е во процес на прочистување и добро е што почна вкрстената проверка. Ги набљудуваме и реформите во медиумите и нивната улога за обезбедување на фер натпревар на изборите. Се следи и создавањето на целата атмосфера во која гласачите е потребно да гласаат слободно и без притисоци. Од голема важност е сите страни да соработуваат со работата на специјалната обвинителка, рече Хојт Ји.
На новинарско прашање дека специјалното обвинителство наидува на опструкции,тој повика сите институции и политичките партии да ја почитуваат работата на Јанева и порача дека секој што згрешил и е одговорен за политичката криза во земјава, треба да одговара согласно законските прописи.
– На сите наши состаноци кажуваме дека е многу важно да се поддржи Специјалното јавно обвинителство, да се поддржи владеењето на правото и да се осигура дека сите официјални претставници ќе одговараат за своите дела во согласност со законските прописи. Се надевам дека порака што ја испративме е разбрана од сите политички партии и очекуваме да го поддржат Специјалното обвинителство. Ние продолжуваме да го набљудуваме тоа и ако забележиме прекршувања или опструкции кон обвинителството, ќе дадеме насоки како треба да се постапи понатаму, порача Хојт Ји.