Водниот бран вчера од Словенија се прелеа на хрватска територија, при што во некои места населението морало да се евакуира, а напомош дошле седумдесетина пожарникари
По завчерашните поплави во западна и во источна Словенија водниот бран вчера стигна во Хрватска многу поголем од предвидениот, па во некои места беше прогласена вонредна состојба. Kако што пренесе „Јутарњи лист”, водниот бран на реката Драва, кој стигна вчераутро во Хрватска, според процените требаше да достигне проток на водата од 3.000 кубни метри во секунда.
Од „Хрватски води“ известуваат дека Драва се излила кај местото Ловречан Оток каде што во текот на ноќта имало евакуација, кај Оток Вирје каде што загрози повеќе од 60 куќи и кај Заврч на границата меѓу Словенија и Хрватска.
Повеќе од 70 пожарникари им помагаа на луѓето да спасат што може од поплавата. Kај Ловречан Велики, во близина на Вараждин, на луѓето им била предложена евакуација, иако на подрачјето на Вараждинската жупанија се изградени насипи кои може да издржат проток од 2.500 кубни метри вода во секунда. Хрватските медиуми пренесуваат дека таков водостој на Драва не паметат во последните 1.000 години. Автобусите се пренасочуваат, а тешкотии има и на подрачјето на Велика Горица јужно од Загреб. Нормализација на сообраќајот се очекува по поминувањето на шпицот на водниот бран, кој се очекуваше вчера попладне.