Првата љубов меѓу неандерталците и луѓето се разгорела пред 100.000 години, тврди тимот на научници кој изврши анализа на ген на леш од неандертален човек пронајден во пештера во Алтајските планини во Сибир, пренесува Хина.
– Најдовме траги од древни гени на модерни луѓе кај нивните неандертални предци од Сибир, што укажува на тоа дека раните модерни луѓе ја напуштиле Африка некаде во тој период, објасни Серџо Кастелано од Институтот за еволуциска антропологија „Макс Планк“ во Германија.
– Модерниот човек кој влијаел на гените на неандерталецот пронајден во Сибир морал да дојде од групата која ја напуштила Африка многу порано од оние луѓе кои се населиле во Европа и Азија, објасни Кастелано.
Но, за раните патувачи авторите на студијата имаат многу малку податоци.
– Знаеме дека многу порано се одвоиле од групата во Африка и дека нивната сексуална репродукција со неандерталците започнала пред 100 илјади години. Тоа е прва генетска трага на модерниот човек надвор од Африка, нагласи Кастелано, но и напомена дека се работи за непотврдени докази бидејќи не се пронајдени остатоци од тие луѓе.
Најстариот фосил на хомо сапиенс во Европа е стар 45.000 години.