(ВИДЕО) Невладини организации: Се ризикува бојкот на изборите ако не се спроведат вистински реформи

Од:

Не постојат услови за фер, слободни и демократски услови на 24 април, како што беше замислено во Пржинскиот договор, потребни се прво реформи а потоа да се оди на избори, е заклучокот од анализата на седум организации: Македонскиот центар за европско образование, Хелсиншкиот комитет за човекови права, НВО Инфоцентарот, Фондацијата Отворено општество – Македонија, Транспарентност – Македонија, Фондацијата Метаморфозис и Институтот за човекови права. Во нивната анализа, презентирана денеска, пред утрешното објавување на оценката за датумот на изборите, на Делегацијата на Европската унија и на Амбасадата на САД, се посочува дека не се воспоставени ниту функционалните механизми за собраниска и судска контрола врз УБК, што покажува дека е можно системот за нелегално масовно прислушување сѐ уште да функционира. Инсистирајќи само на датум, без јасна временска рамка за исполнување на условите што треба да претходат на изборите, се отвара ризикот за потенцијален бојкот од страна на голем број граѓани, што несомнено ќе води кон продлабочување на кризата во Македонија.

– Во ваква ситуација неблагодарно е да се инсистира на определените датуми за одржување на изборите само како формална обврска од договорот во Пржино, занемарувајќи ги притоа суштинските проблеми.

Треба да се имаат предвид и постојаните притисоците од страна на владејачките партии врз работата на Специјалното јавно обвинителство, единствената независна инстотуција што се воспостави со Договорот од Пржино, рече Фани Каранфилова Пановска од ФООМ.

Невладините организации предлагаат да се утврдат конкретни приеоритени обврски што треба се завршат пред конечното утврдување на датумот за изборите, како и нивно итно исполнување. Меѓу нив се ДИК, Избирачкиот список, одвојувањето на партијата од државата и суштински реформи во медиумите.

Невладините предлагаат конкретни мерки:

Да се остави доволно време за ДИК да може да ги вработи најдобрите кандидати, што ќе придонесе за вистинско зајакнување на правните и ИКТ-капацитетите на ДИК. Исто така, неопходно е да се организираат соодветни обуки за почетно воведување и ориентирање на нововработените кадри во ДИК, за тие да можат да ги вршат важните должности утврдени за нив во Изборниот законик и во Договорот од Пржино.

Да се обезбеди реална временска рамка за целосно и суштинско прочистување на Избирачкиот список. Кратењето на периодот за прочистување на избирачкиот список ќе предизвика недоверба кај граѓаните во неговата веродостојност, а оттука и недоверба во целиот изборен процес, што може да резултира со неучество на граѓаните на изборите и, во краен случај, со оспорување на нивната кредибилност и легитимитет.

Треба да се усвои правна рамка за јасна, прецизна и правилна процедура за бришење од Избирачкиот список на оние лица кои не треба да бидат запишани во него. Исто така, неопходно е воспоставување ефикасни механизми за жалбена постапка за оние лица кои ќе бидат избришани од Избирачкиот список или за случаите каде што лица кои не треба да бидат на списокот ќе останат запишани во него. Правната и институционалната рамка за воспоставување на овој систем ќе бараат законски измени кои ќе бидат невозможни по распуштањето на Собранието на 24 февруари 2016 година. Исто така, ќе биде потребно време за овие механизми да профункционираат во практиката.

Потребно е итно постигнување договор за правилата кои ја засегаат работата на медиумите, во насока на обезбедување објективно информирање и еднаква шанса за сите политички актери во претставувањето на нивните политички програми и охрабрувањето на јавната политичка дебата, што е од голема важност при слободното одлучување на граѓаните кому ќе му го дадат својот глас.

Итни и конкретни мерки за истрага и казнување на претходните прекршувања на Изборниот законик или кривични дела против изборите и гласањето, како и конкретни мерки за одвојување на државата од партијата и спречување на постојните притисоци, заплашувања и злоупотреби на јавните ресурси во партиски цели.

Неопходно е воспоставување на ефективни судски и собраниски контролни механизми врз УБК и овозможување на непречена работа на Специјалното јавно обвинителство, кое има клучна улога во спроведувањето на Договорот од Пржино, и Итните реформски приоритети, како и враќање на нарушената доверба на граѓаните во институциите и нивна темелна департизација.

Би можело да ве интересира

Кисела Вода забрани семејните куќи во Пржино и Црниче да станат згради

А1он

Ѓорѓиевски се сомнева дека пожарот во Пржино бил подметнат

А1он

Голем пожар во Пржино, гори поранешно училиште

Кристијан Ландов

(ВИДЕО) Драма во Пржино: Се излизга патот, локалните жители стравуваат за домовите

Наум Локоски

Пожар во подрумски простории каде што се складира медицински материјал во Пржино

Наум Локоски

Пожар во Пржино

Наум Локоски