Шефовите на дипломатија на Русија и на Јапонија, Сергеј Лавров и Фумио Касида телефонски разговараа за лансирањето на севернокорејската ракета која претставува кршење на резолуциите на Советот за безбедност на Обединети нации, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Претходно, официјална Москва остро го осуди лансирањето на ракетата од страна на Пјонгјанг, истакнувајќи дека тој претставува тежок удар за регионалната безбедност, па и за безбедноста на сама Северна Кореја.
– Очигледно е дека таквите чекори ќе резултираат со сериозно влошување на ситуацијата на Корејскиот Полуостров и цела североисточна Азија, како и дека сериозно ја загрозува безбедноста на земјите од регионот, а пред се на самата Северна Кореја, се истакнува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.
Русија, која е една од ретките земји кои ја поддржуваат Северна Кореја, нагласи дека Пјонгјанг уште еднаш покажа „дрзок презир кон нормите на меѓународното право“.
За јапонскиот премиер Шинѕо Абе лансирањето на балистичка ракета е „целосно неприфатливо“, посебно што Северна Кореја минатиот месец тестираше хидрогенска бомба.
Претходни, Високата претставничка на Европскатаунија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини го осуди лансирањето на ракета со голем дострел од страна на Северна Кореја.
– Таквите акции се директна закана за меѓународниот мир и безбедност во регионот и надвор од него. Тоа уште повеќе ќе ги зголемат тензиите на Корејскиот Полуостров, што ќе биде на штета на сите, потенцира Могерини.
Во меѓувреме и претседавачот со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) Франк Валтер Штајнмајер го осуди севернокорејското лансирање на балистичка ракета, оценувајќи дека Пјонгјанг дека уште еднаш и пркосел на меѓународната заедница.
– Лансирањето на проектил е неодговорна провокација која покажува непочитување на правно обврзувачките резолуции на Советот на безбедност на Обединети нации. Северна Кореја со ова уште една ја загрози безбедноста на регионот, посочи Штајнмајер.
Тој ја повика меѓународната заедница остро да го осуди „отвореното пркосење“ на Северна Кореја, што не би смеело да остане без последици.
– Вонредната седница на СБ на ОН што е закажана по овој повод претставува значителен сигнал во таа смисла. Ги повикуваме сите партнери да ги поддржат одлучните мерки, посочи Штајнмајер.
Северна Кореја денеска успешно лансира ракета со голем дострел со сателит, додека соседните држави, САД и меѓународните организации го оценија како обид за тестирање на балистички ракети и кршење на резолуциите на ОН.
По тој повод за денеска е закажана итна седница на СБ на ОН.