Денеска попладне, ќе има нов обид за договор за медиумската сфера. Како што информираат од канцеларијата на посредникот Питер Ванхауте, има согласнот од четирите партии, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, денеска да седнат на преговарачка маса во Клубот на пратеници.
Законот за медиуми е најврелиот костен од Пржинскиот договор, и засега нема доближување на ставовите на потписниците на договорот.
Вчера Предлог – законот за медиуми што го подготви СДСМ, изготвен според решенијата предложени од Ванхауте, беше испратен до партиите.
За ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА, предлогот на СДСМ не е прифатлив.
Предлозите кои ги даде белгискиот посредник предвидуваат Советот на Агенцијата за медиуми да се избира преку јавен конкурс од докажан кадар од сферата на медиумите, додека нивното гласање да се врши во Собранието со двотретинско мнозинство од гласовите на пратениците.
Истата процедура треба да се применува и за Управниот одбор за МРТВ, за чие функционирање е предвидено одвојување на 1% средства од државниот буџет. Владините кампањи, можат да се емитуваат бесплатно на комерцијалните телевизии, доколку се оцени дека се од интерес за јавноста.
Предлогот предвидува и намалување на даноците од 18% на 5%, намалување на паричните казни, како и производството на телевизиите да не зависи од Агенцијата за медиуми.
Од ВМРО-ДПМНЕ се предлага комбиниран систем, кој се базира врз основа на законите во Германија, Белгија и Словенија. Не се укинува владиното рекламирање, а распределбата на средствата за медиумите да се врши според гледаноста.
Што се однесува на финансирањето на МРТВ, оваа партија предлага да остане радио-дифузната такса, а буџетот да се зголеми за 0,03%. ВМРО-ДПМНЕ предлага во МРТ, 100 дена пред избори, информативната програма да ја водат двајца уредници – еден од власта, еден од опозицијата.
ДУИ и ДПА бараат предлог-законот на Ванхауте да предвиди вториот канал на МРТВ, 24 часа да биде на албански јазик, додека другите точки од меѓународниот предлог ги поддржаа во целост.