Граѓанските организации, кои денеска упатија писмо до еврокомесарот Хан и бараат одложување на изборите, укажуваат дека е се уште недовршено конституирањето на Државната изборна комисија.
– ДИК како институција со нов состав и нови, зајакнати надлежности, сакаме да укажеме дека целосното конституирање на оваа институција е сè уште незавршено и таа не функционира со полн капацитет. Сé уште не е формирана ниту правната служба на ДИК која согласно новото изборно законодавство има клучна улога во документирање и подготовка на предметите кои ќе произлезат од евентуалните приговори во изборниот процес.
Уште поважно, ниту процедурата за прочистување на избирачкиот список сѐ уште не е утврдена и договорена, а за нејзино спроведување воопшто и не станува збор. Имајќи ги предвид изјавите на претседателот на ДИК на оваа тема, очекувањата на граѓаните се во насока ажурирањето на избирачкиот список, како клучен процес за обезбедување кредибилни избори, да се одвива преку проверки и вкрстување на различни бази на податоци и евиденции во надлежност на институциите, но и преку целосна и детална теренска проверка на сите податоци.
Сите овие постапки бараат период од најмалку еден до два месеци за институционална подготовка, а за прочистувањето на избирачкиот список се потребни дури и три до четири месеци интензивна работа. Доколку овој процес не заврши пред почетокот на изборната кампања, тогаш одржувањето на изборите станува исклучително ризично и отвора простор за сериозно продлабочување на политичката криза од која граѓаните и државата ќе имаат огромна штета.
Уште една голема закана за одржување фер, демократски и слободни избори во април 2016 година е непостоењето договор меѓу клучните политички партии за реформите во медиумите кои се еден од клучните фактори во создавањето еднаква шанса за медиумско присуство на сите политички опции. Отсуството на реформи во медиумската сфера ќе им остави простор на партиите на власт, својата предизборна кампања повторно да ја засноваат на жестока пропаганда, на говор на омраза и на манипулации со информациите, наместо на борба на идеи, концепти и политики.
Граѓаните, ја препознаваат исклучително важната улога на медиумите, особено на оние финансирани со јавните пари, во враќањето на тежиштето на политичката моќ кај граѓаните наместо исклучиво кај партиите. И токму затоа, без клучни реформи во медиумската сфера, пред сѐ во јавниот радиодифузен сервис и независното регулаторно тело за медиумите, не се возможни фер и демократски избори, посочи Бојан Маричиќ, извршен директор на МЦЕО.