Џихадистичката група Исламска држава се стреми да го зајакне присуството во Индонезија и сака да создаде „далечен калифат“ во најмногубројната муслиманска земја во светот, предупредија властите на Австралија.
– ИД има амбиција да го зголеми присуството и нивото на дејност во Индонезија, било директно, било преку посредници, изјави министерот за правда Џорџ Брандис за весникот „Острелијан“ и додаде дека тоа е закана за интересите на Австралија и на Западот.
– Сте го слушнале ли изразот „далечен калифат“? ИД ја објави намерата да воспостави калифат надвор од Блискиот Исток. Тие ја идентификуваа Индонезија како објект на своите амбиции, истакна Брандис еден ден по средбата со австралиски и индонезиски министри и полициски началници.
Според весникот, австралиските власти ја сметаат за слабо веројатна можноста ИД да успее да создаде калифат во Индонезија.