Министрите на земјите учеснички на Меѓународната конференција за климата во Париз, денеска ја усвоија спогодбата за ограничување на глобалното затоплување. Спогодбата е одобрена од речиси 200 нации, јави Танјуг.
Претходно францускиот претседател Франсоа Оланд ги повика министрите од земјите учеснички на Меѓународната конференција за климата да преземат „одлучувачки“ чекор и да го усвојат „историскиот пакт“ за ограничување на глобалното затоплување.
-Морате да преземете конечен, одлучувачки чекор што ќе ни овозможи да ја постигнеме целта, им порача Оланд на министрите и делегатите, на кои претходно францускиот министер за надворешни работи Лоран Фабиус им ја поднесе на разгледување нацрт глобалната спогодба, пренесоа француските медиуми.