Шокиран сум од проектот Скопје 2014, вели познатиот полски архитект Лукаш Галусек, кој прв пат доаѓа во Македонија.
– Се уште сум во шок, го видов овој проект во весниците и на интерент, но фотографиите секогаш прават дистанца, но кога дојдов овде, едноставно се шокирав. Морма да признаам дека дури и не можев да спијам заради осветлувањето на брегот на Вардар, што силно ги осветлува зградите. Навистина не можам да ги разберам причините. Можеби ако дознаам некои причини, ќе имам некои одговори. Ова е толку вештачки што е незамисливо дека вакво нешто може да постои. Една од моите импресии е дека ова слично со Вишеград на Емир Кустурица – ако сме немале ренесанса и барок – ќе си изградиме нов убав барокен град и Србите ќе имаат таков град, а не само Хрватите. Не е битен Дубровник и ние ќе си имаме барокен град. Можеби се работи за тоа. Но , зошто толку вештачки?, вели Галусек.
Полскиот архитект во Скопје одржа предавање “Кој се плаши од модернизмот?“ и како добар познавач вели дека исклучително ја цени модернистичката архитектура на Скопје.
– За мене е голема штета дека модернистичката архитектура е во сенка или е сосема уништена, затоа што во Скопје имаше голема традиција на модернистичката архитектура. Од друга страна, модерно Скопје беше град на солидарноста и особено заради тоа што по земјотресот, толку многу големи архитекти, на светско ниво – направија нешто за Скопје. Можам да увидем некои контрадикторности меѓу потребата на Македонците да ја раскажат сопствената приказна, но тоа универзално модерно Скопје беше нешто исклучително. Како архитект мислам дека е голема штета што ремек дела на архитектурата се во толку лоша состојба, вели Галусек.
Според него и во Полска постоела таква тендеција, но модернистичката архитектура таму доживеала ревалоризација и престанала да се поврзува со еден неправеден систем. Галусек смета дека градот треба да одговара на потребата на неговите граѓани, а не да биде вештачки наметнат.
– Ако градот е вештачки и толку брзо изграден – тоа е мртов град. Ако ова било плод на вашите дискусии и истражувања и ли обид да се направи реевалуација на вашата историја, затоа што 20. век беше навистина многу тежок, не само за Македонците, туку и за Полјаците, за сите нас овде во централна Европа, мора прво да најдеме решенија, а потоа да им дадеме форма. Градот мора да расте природно, ако разте премногу брзо и само заради некои одредени причини, тоа е вештачки град. Се плашам дека ова што е направено овде е пребрзо и без учество на граѓаните, вели Галусек за А1 он.
Лукаш Галусек е архитект и издавач. Се занимава со културата и уметноста на Средна Европа, особено со врските меѓу просторот, сеќавањето и идентитетот. Работи во Меѓународниот културен центар во Краков.
Тој има пишувано и за архитектурата на Скопје, неговиот модернизам и најновите зафати во градот. Вчера, Галусек освен отвореното за јавност предавање во клубот ГЕМ, одржа предавање и на Архитектонскиот факултет во Скопје.
Гостувањето на архитектот Галусек го организираше Есперанца – светски културен центар и Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, современи културни практики и социо-културен активизам, во соработка со Полската амбасада, а во рамките на Школата за критичко мислење, пишување и дебатирање.
А.Б.