Како учесник во политичките преговори, Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, денес им порача на СДСМ уште утре да се изгласаат во Собрание договорените реформи во изборниот законик за Македонија да не ја изгуби препорката од Европска комисија. Милошоски обвини дека опозицијата сака да влезе во Владата така што ќе им обезбеди поголеми овластувања на министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика кои треба да ги предложи.
Овие барања, рече тој, излегуваат од законските прописи. Според него СДСМ бара повластици кои излегуваат од договорот постигнат во Пржино, а за да учествува во власта.
-СДСМ бара тоа што не го добиле со договорот во Пржино да го издејствуваат со овие преговори. Да добијат поголеми ингеренции и овластувања кои излегуваат од законските прописи и да имаат свое политичко влијание, учество и креирање на политиката и на Владата. Нешто што тврдеа дека не е нивна цел. Рекоа дека нивна цел не е да владеат со ВМРО-ДПМНЕ, но очигледно таму каде што ќе се укотват сакаат да спроведат политика на владеење која нема да ги почитува зкаонските прописи – изјави Милошоски.
Како што рече тој ингеренциите на министрите не се договорени, туку допрва ќе се договараат. ВМРО-ДПМНЕ одбива министрите и заменици-министрите предложени од опозицијата да имаат еднакви овластувања како веќе поставените, иако олеснувачот на процесот, Питер Ванхауте, пред извесно време порача дека тие министри нема да бидат поставени за да пијат кафе туку дека треба да имаат моќ на дејствување.
-Секој министер ќе има овластувања според законот. Сакаме да бидат утврдени точно и прецизно. Уставот и постоечките закон прописи тоа го определуваат. Она што треба дополнително да се определи и што до сега не било случај во нашиот уставен систем е утврдување на дополнителни заменици министри. Мора да се договориме од каде ќе ја црпат нивната надлежност, какви овластувања ќе имаат и каков ќе биде нивниот однос со нивните министри. За да може да функционираат министерствата во кои ќе има вакви заменици. Ние сакаме и после завршувањето на овој договор Владата да може да почне да работи и министерствата да не бидат во конфликт туку да бидат ефикасни – додаде тој.
На потсетувањето дека пред два дена петмина амбасадори и порачаа на ВМРО-ДПМНЕ да биде поконструктивна во преговорите, наспроти тврдењето на Милошоски дека СДСМ е таа што ги кочи, тој одговори само дека го цени придонесот на меѓународните фактори.
Милошоски најави дека продолжуваат билатератлните преговори со опозицијата и дека вечерва ќе има уште една билатерална средба.
Тој обвини дека СДСМ има тенденција да ги одолговлекува преговорите така што го отфрла секој даден предлог откако ВМРО-ДПМНЕ ќе го прифати. Според него целта на СДСМ е политичката криза да продолжи поради сопствениот низок рејтинг, да предизвикаат губење на препораката од ЕК и за да предизвикаат економска штета на државата.
Маја Васева