Евентуалното пропаѓање на Договорот од Пржино и враќањето на опозоцијата на улица со нова серија на „бомби“ би биле развој кој не е добар за земјата, како што, впрочем, од друга страна, не е добро ни ова што изминативе десет години и се случува на Македонија, а што кулминираше со криза која ја турна земјава во бездна, вели поранешниот гувернер на НБРМ и поранешен министер за финансии, Петар Гошев.
Тој смета дека постојат три правци во кои настаните бил се одвивале, доколку политичките партии не се усогласат во имплементацијата на договорот од Пржино. Заканите дека Македонија може да ја изгуби препораката за почеток на преговори со ЕУ, според Гошев не се инструмент за освестување и притисок на оваа власт.
-На оваа власт најмалку и е грижа европската иднина. Тие ако мислеа на европската иднина немаше да се однесуваат вака. Се што направија, направија против европските вредности, против европското законодавство и против европската перспектива. Така што заканата „ние ќе ви дадеме негативна оценка“ не го вознемирува Груевски. Тој сака да продолжи на власт, да се спаси од апсење затоа што е свесен дека неговите криминални дела излегоа на виделина и дека се шират како сознание. Тој се обидува тоа да го спречи – изјави поранешниот прв либералдемократ за „А1ON“.
За Гошев е јасно дека владејачката партија сака да владее со насилство и да остане на власт со насилство, затоа, вели тој, договор со неа не е возможен.
-Кога не би бил меѓународниот фактор, ни случајно немаше да биде возможен некаков договор. Власта работи комплетно на принципот на мафија, не почита устав, не почитува закон. Сите закони ги пишуваат во согласност со своите лични и групни интереси. Доколку им се промени интересот го менуваат и законот. Со нив договор не е возможен, возможен е договор само ако така решила меѓународната заедница – вели Гошев.
Според него возможни се три солуции од новонастанатата криза. Првата е преку учество на ЕУ и САД во гонењето на владини функционери кои се огрешиле пред законот.
-Меѓународната заедница дефинитивно треба да притисне уште повеќе. Таа покажа овој пат дека е позаинтересирана отколку во минатото, но гледаме дека тоа не е доволно и дека треба да го зголеми притисокот. Потребно е меѓународната заедница да активира некои правни механизми од меѓународното право за нашите криминалци за кои таа има докази, а чии дејствија ги надминуваат рамките на Република Македонија. Мислам дека такви инкриминирачки дејствија може да најде од дејствувањето на оваа власт – вели тој.
Втората опција е исто така со инвовлираност на странскиот фактор, но овој пат преку парламентот да се издејствува недоверба на оваа Влада.
-Оваа алтернатива е веќе позната. Станува збор да се направи обид да се формира ново парламентарно мнозинство кое ќе го исфрли Груевски од игра. Во новото мнозинство би биле вклучени пратениците од етничките албански партии и други помали партии во парламентот. Мнозинство кое ќе му изгласа недоверба на Груевски. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и понатаму нека му бидат лојални на нивниот лидер и нека бидат учесници во колапсот и банкротот на Македонија, но ако останат сами не се доволни за Влада. Можна е таа алтернатива и мислам дека им е позната на луѓе од меѓународната заедница. Како што знаеме потпишувањето на договорот во Пржино е постигнат со таа закана – вели поранешниот гувернер.
Третата можност е подеструктивна и подразбира организирање на народен бунт кој би го присилил Груевски на оставка. Во овој случај опозицијата повторно би излегла од парламентот и би се вратила на улиците, а би продолжило и објавувањето на прислушувани разговори.
-Ова би се случило само доколку не може преку работата на формалните инситтуции на Македонија да се изведе еден процес на мирно излегување од кризата. Јас не би сакал таква можност, но ако нема друг излез не може Република Македонија да остане заложник на една банда и еден бандит кој не почитува устав и закон и кој не разбира ништо од поимот демократија. Ние нема да ја заслужиме оваа држава ако не сме способни да симнеме од власт ваква банда. Подобро е да се најде излез со некоја од претходните солуции – вели Гошев.
Постои, додава тој, и четврта ситуација која е можна, а која само Груевски ја посакува, а која подразбира судир меѓу граѓаните. Дека премиерот, вели тој, е способен на ова, видовме преку контрапротестите и преку употребата на партизираната полиција за да ја брани власта. Гошев е сигурен дека Груевски е подготвен да оди на таа варијанта, а на штета на граѓаните и на државата.
СДСМ, според него, се наоѓа во нерамноправна позиција со тоа што е принудена да го стопира објавувањето на „бомбите“ иако јавноста треба да дознае за направените криминали. Од друга страна, додава тој, владејачката партија неколкукратно до сега го прекрши договорот.
-Опозицијата мора јасно да одговори на секое кршење на Договорот од Пржино, како што е пробивање на роковите и применување тактика на одолговлекување. Одговорот на опозицијата со соодветни мерки и постапки на таквото кршење, не е соучесништво во кршењето на Договорот, туку негова одбрана. Во спротивно излегува дека опозиција се согласува Договорот да биде прекршен. Очигледно дека се обидува да биде кооперативна во преговорите и со меѓународната заедница исто така, да се претстави како свесниот фактор, но не смее да дозволи да биде надиграна и надитрена од овааа бандитска власт – вели Гошев.
Маја Васева