Според денешните информации од Шпанија и Англија, Радамел Фалкао ќе биде новата ѕвезда на европскиот шампион.
Сопственикот на Челси, Роман Абрамович е подготвен да издвои 60 милиони евра за ангажман на напаѓачот на Атлетико Мадрид, Радамел Фалкао, кој во јануари треба да се пресели на „Стемфорд Бриџ“.
Европскиот шампион во летниот преоден рок потроши повеќе од 100 милиони евра за ангажирање на Еден Азар, Оскар, Виктор Мосес и Марко Марин, но очигледно тоа нема да биде крај на засилувањата.
Абрамович дал зелено светло за трансфер на Фалкао вреден 60 милиони евра со што ќе го сруши клупскиот рекорд од јануари 2011 кога од Ливерпул го доведе Фернандо Торес за 58,5 милиони евра.
Според англиските медиуми веќе се договорени личните услови со Колумбиецот, кој оваа сезона во осум одиграни меча за „јорганџиите“ постигна 12 гола. Во Примера постигна девет гола и се наоѓа на делба на второто место заедно со Кристијано Роналдо.
Неодамна претседателот на Алетико Мадрид призна дека доколку во клубот пристигне понуда од 60 милиони евра, раководството нема да може да го задржи Фалкао и ќе мора да му дозволи да замине.