Меѓународно непризнатата либиска Влада, стационирана во Триполи, го отфрли предлогот на пратеникот на ОН за Влада на национално единство како политички излез од конфликтот, пренесоа француските медиуми.
-Ова одбивање уште повеќе ги продлабочува поделбите меѓу Либијците, изјави Махмуд Абдел Азиз, член на Генералниот национален Конгрес (Парламентот) во Триполи.
Специјалниот претставник на ОН за Либија, Бернардино Леон, во петокот соопшти дека е постигнат консензус за името на премиерот Фајез ел Сараџ и 17 министри од Владата на националното единство по неколкуте месеци преговори во летувалиштето Скират во Мароко меѓу двете непријателски страни и претставниците на граѓанското општество.
Меѓународно признатиот Парламент, стациониран во Тобрук, одлучи и денеска да ги продолжи разговорите за предлогот на Леон, пренесе владината информативна агенција. Тој напомена дека разговорите исто така може да се развлечат.
-Емисарот на ОН сака да не доведе пред свршен чин, изјави пратеникот од Парламентот во Тобрук, Али Текбали. Според него, оваа Влада би била извор на поделби, а не на единство.
Генералниот национален Конгрес предложи серија промени во мировната спогодба, формулирана од ОН, и повеќепати соопшти дека нема да ја потпише, пред тие да бидат земени предвид во конечниот текст. Еден од неговите услови е почитување на пресудите на Врховниот суд, стациониран во Триполи, што Парламентот во Тобрук го прогласи за нелегален.