Основен проблем на работните групи за договорот од Пржино е инсистирањето на СДСМ дијаспората да нема свој пратеник во Македонија, информира Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ, како што рече, има залажувачки став кон дијаспората дека не се против тоа дијаспората да гласа, но предлозите што ги давале биле против тоа дијаспората да има пратеник.
– Значи, како еве дијаспората гласа, но пратеник нема да има. Тоа не е добро затоа што дијаспората е нераздвоен дел од македонското национално ткиво. И Македонците и Албанците, Србите, Бошњаците, сите оние коишто се од Македонија и коишто живеат во дијаспората се нераздвоен дел од македонската држава. Секоја земја во светот без исклучок води особено грижа за својата дијаспора и се обидува дијаспората да ја држи блиску, односно да не дозволи да се раздвои од ткивото на матичната држава, рече Тодоров.
Со овој став, нагласи тој, СДСМ ја бутка дијаспората надвор.
– Тоа е прилично проблематично особено поради фактот што изјавите се во смисла дека сепак они се за дијаспората да гласа, но без да кажат дека сакаат дијаспората да нема свои пратеници. Таа поделба не е добра, особено што, еве слушаме и некои други аргументи од даночен или фискален аспект, треба да се земе предвид особено фактот што дијаспората учествува во БДП на Република Македонија со преку 18 проценти. Дознаките што доаѓаат од дијаспората во Македонија се исклучително високи и тие сериозно помагаат на македонската економија. И тоа е уште еден аргумент во тој правец дека не смееме воопшто да размислуваме дијаспората да ја одбиваме од Македонија, рече Тодоров.
Позначајно, како што истакна, е што дијаспората е нераздвоен дел од македонското национално ткиво и секое туркање надвор од тоа или оддалечување од Македонија е спротивно на националните интереси на државата. Тој однос смета дека треба да се промени за што ВМРО-ДПМНЕ се залагала.
Тодоров изрази надеж дека опозицијата рационално ќе пристапи кон ова прашање. – Во политиката работите се менуваат, некогаш некоја групација ги поддржува вашите политики, некогаш не. Фактот ако ги поддржува вашите политики да гласа, а ако не ги поддржува да не гласа не е демократски пристап без разлика дали денес некој ја поддржува вашата политика или не ја поддржува, ако е тој државјанин на РМ мора да има право на глас. Тоа право на глас е загарантирано и не смее никому да му се одземе, подвлече Тодоров.
Не знае дали работната група ќе има утре средба, но очекува рационалност од СДСМ.
– Очекувам рационалност од една страна. Очекувам да работат и да делуваат во рамки на националните интереси на РМ, а не на нивните лични и партиски интереси за едни избори. На овие избори не знам резултат можеби е еден, на другите избори ќе биде друг, на третите избори ќе биде трет. Значи, ние треба да гледаме стратешки на националните интереси на Република Македонија, а не теснопартиски за тоа каков резултат ќе имаме на овие или на некои други избори, нагласи Тодоров.