По повод 25-ти Септември – Светскиот ден на фармацевтите, Фармацевтската комора на Македонија ја истакнува нивната улога во зачувувањето и одржувањето на здравјето.
Темата на одбележувањето на Светскиот ден на фармацевтите годинава е: „Фармацевт: Вашиот партнер во здравјето“.
На 25 септември во 1912 година е формирана Интернационалната фармацевтска федерација, која ја сочинуваат 32 национални организации, академски институции и индивидуални членови и застапува повеќе од три милиони фармацевти и научници од областа на фармацијата во светот.
– Употребата на лековите е тесно поврзана со фармацијата, фармацевтските знаења и искуства, од каде произлегува и незаменливата улога на фармацевтите во нивното откривање, произведување и снабдување, се вели во соопштението од Фармацевтската комора на Македонија.
Со ставање во промет на се повеќе лекови, како што се наведува, улогата на фармацевтите е се поголема во достапноста на терапијата на пациентите, во безбедноста на нивното лекувањето, во давањето на точни и прецизни информации и во грижата за целокупното здравје.
Во Македонија има околу 2.500 фармацевти кои работат во индустријата, контролата и дистрибуцијата на лековите, во образованието, а најголем дел работат во аптеките.