„Приложуваме видео клип од штипско Карбинци преземен зачуван од веб порталот Мотика каде локални насилници се изживуваат врз волк и при тоа со еуфорично се забавуваат од стореното дело.
На видеото кое ви го приложуваме а од кое на нормален човек му се превртуваат црева јасно се гледаат лицата на садистите, кои фатиле и врзале на хауба жив волк, кого потоа го маваат со боксови и се смеат, уживаат и снимаат се. Животното трепери од секој удар, немоќно е и едвај ги затвара очите. Умоболната багра не се задоволува, се изживува додека не му го извади последниот здив, му ставаат цигари во ноздрите, се сликаат покрај телото на прекрасното диво животно кое умира.
Овие слики и снимки сакаме да бидат снимки од монструми кои веќе утре ќе лежат во затвор, кои брзо ќе ги стигне правдата за убиениот волк!
Ве информираме дека во моментов вршиме пријава до надлежните органи – Агенција за храна и ветеринарство, Министерство за внатрешни работи, Државниот инспекторат за шумарство и ловство и очекуваме најстрога казна за силеџиите кои не заслужуваат да шетаат слободни меѓу нормален свет, кои се агресивни, кои се закана по сите. Ништо помалку од затвор нема да биде доволно за оваа грозотија, ги сакаме зад решетки што поскоро. Затворска казна, зошто колективното згрозување и презир овие кукавици од овој миг ќе го добијат веднаш од нас граѓаните“, се вели во соопштението на Анима Мунди.