Лидерот на црногорската Демократска партија на социјалистите Мило Ѓукановиќ потврди дека по парламентарните избори на 14 октомври се подготвува да заземе една од највисоките функции во државата, но партијата ќе реши дали да биде премиер или да се кандидира за претседател.
На крајот на 2010 година Ѓукановиќ поднесе оставка од премиерската функција, објавувајќи дека ќе учествува во политиката само како партиски лидер. Сега, меѓутоа, тој изјави дека во последните две години многу нешта се промениле и неговото ангажирање во предизборната кампања разбудило „определени очекувања“.
– Сега треба да одговориме на тие очекувања на избирачите, кои ни укажаа голема доверба, рече Ѓукановиќ.
Ѓукановиќ имаше 29 години кога стана најмладиот премиер во Европа во 1991 година. Во 1998 тој беше избран за претседател. Ѓукановиќ беше на чело на Црна Гора кога прогласи независност од Србија во 2006 година. На крајот на истата година тој се повлече од политиката, но одново се врати во февруари 2008, заземајќи го по петти пат премиерското место, на кое остана до 2010.