Фудбалерите на Баерн Минхен синоќа го победија Лил со 1-0 на гостувањето во дуелот од третото коло на Лигата на шампионите.
Проблем за тренерот Хејнкес пред продолжението на првенството и домашниот првенствен дуел против Баер од Леверкузен во претстојниот викенд е новата повреда на најголемата ѕвезда Франк Рибери. Французинот остана во соблекувалната на полувремето од натпреварот против клубот во чиј подмладок играше кон крајот на деведесеттите години од минатиот век.
Рибери го истегна мускулот на листот. На полувремето му беше дадена терапија за да може да продолжи да игра – доби дури 16 инјекции.
„По седум минути почувствував силен грч и лекарот Милер-Волфарт му сугерираше на тренерот дека подобро би било да не ризикува за да не ја влошам повредата“, изјави фудбалерот надевајќи се дека ќе биде спремен за неделниот дуел со Баер.