На Светското првенство во спортови на вода што се одржува во рускиот град Казањ денеска почнаа и пливачките дисциплини, а беа поделени и првите четири комплети медали и соборен еден светски рекорд. Сара Сјостром од Шведска, постави светски рекорд во полуфиналето на 100 метри пеперутка. Таа патеката ја исплива со време 55.74 секунди и го собори досегашниот рекорд на Американката Дана Волмер од 55.98 секунди.
Првиот медал на пливачките дисциплини на шампионатот го освои Јанг Сун од Кина кој триумфираше во трката на 400 метри слободно со време 3:42.58 минути. Среброто му припадна на Џејмс Ги од Велика Британија, а бронзата ја освои Рајан Кочрејн од Канада.
Кај жените во истата дисциплина најбрза беше Американката Кејти Ледецки со време на нов рекорд на светските првенства 3:59.13 минути. Второто место го освои Шерон Ван Рувендал од Холандија, а третото Џесика Ешвуд од Австралија.
Во женската штафета 4 х 100 метри слободно златниот медал и припадна на Австралија со време на рекорд на шампионатите – 3:31.48 минути. Среброто го освои штафетата на Холандија, а бронзата американската штафета.
Во машката штафетна трка во истата дисциплина најбрзи беа пливачите од Франција, кои имаа време 3:10.74 минути.