Палата „Панко Брашнаров“ во некогашниот парк помеѓу хотел „Бристол“ и Музеј на Град Скопје, која беше една од темите на објавените “бомби“ конечно е изградена и во неа треба да се смести Агенцијата за аудио и аудио визуелни услуги.
Објектот може да се види во својата големина откако беа отстранети платната кои ја покриваа новата зграда. Надворешноста на зградата е во барокниот стил, омилен на владејачката политичка елита. Токму ова место и овој објект беа дел од разговорот за кој од опозицијата посочија дека е помеѓу Никола Груевски и Миле Јанакиески.
-Груевски го пикирал паркот каде сега се гради објектот на Советот за радиодизузија, и вели дека сакал да го разубави просторот со барокно зградиче, зашто сегашните биле грди.
Јанакиески му вика дека ќе биде начичкано, а Груевски возвраќа дека живеат комуњари во зградите, и дека нема да изгубат гласови на изборите, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев при презентација на материјалот.
Останатите две згради од спротивната страна, се уште се во фаза на изградба иако нивните темели беа ставени месеци порано.
Палатата „Панко Брашнаров“ е со нешто помала површина и располага со 4.099 метри квадратни. Пред да почне изградбата на овие згради прво мораа да бидат отстранети парковите со повеќедецениски дрвја во овој дел од градот, при што дојде до судир помеѓу полицијата, паркобраните и дел од станарите на околните згради. Акцијата на полицијата се одвиваше во раните утрински часови.
Во оваа палата ќе бидат сместени Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, АДСДП и Службата за општи и заеднички работи на Владата.
Во изградбата се потрошени околу 4,4 милиони евра, а дополнителни 1 милион евра за внатрешно уредување.
Маја Васева