Министерството за култура денеска објави тендер за избор на компанија што ќе гради „објект со скулптурална композиција“, реченична кованица зад која е затскриен новиот споменик на Мајка Тереза со дозволена висина од дури 32 метри. Првичните проценки се дека од државниот буџет за овој споменик од проектот „Скопје 2014“ ќе се издвојат 316.833.051 денари, односно над 5,1 милиони евра без вклучен ДДВ, објави „build.mk“.
Обележјето ќе се гради на постоечкиот пешачки коридор,помеѓу хотелот „Мериот“ и идниот хотел на грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас, на парцела со површина од 621 метри квадратни. За да се изведе споменикот на Мајка Тереза, на градскиот плоштад ќе мора да се исечат последните костени.
Идејното решение е дело на Валентина Стефановска и Кирил Мукаетов.
Премиерот Никола Груевски го најави поставувањето на споменикот на Мајка Тереза на последниот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово. „Во делот на спомениците ни остана уште споменикот на Мајка Тереза кој ќе се финансира со буџетски средства“, најави Груевски. Тој посочи дека владиниот проект „Скопје 2014“ треба да заврши токму со поставувањето на спомен – обележјето на Мајка Тереза, пишува „build.mk.“
Во меѓувреме, македонската јавност нема можност да види како ќе изгледа новото споменично обележје на најпознатата скопјанка. И покрај тоа што се работи за објект што ќе биде сместен на главниот плоштад во Скопје, Министерството за култура досега не објави ниту една визуелизација.