Во Амфиполис во близина на Серес, во тек се истражувањата, меѓутоа првичните ископини и откриениот кружен дел со обем 500 метри, дијаметар 160 метри и длабочина од 3 метри водат кон тоа дека токму таму се закопани Роксана и малиот Александар IV, пренесува Канал 5 телевизија.
Грчките археолози веруваат дека се на чекор до откривање на гробот на сопругата на Александар Велики и на нивниот син. Според грчките медиуми, доколку и официјално се потврдат овие предвидувања, тоа би било најголемо откритие во грчката област Македонија, во последните 15 години
Грчките археолози ќе бараат финансиска поддршка и од Европската Унија и од државата за да продолжат со истражувањата на ископините на брдото Каста во близина на Серес. Според историјата, по смртта на Александар, сопругата и синот живееле во близина на Серес каде што и биле убиени, токму затоа археолозите сметаат дека пронајдените остатоци се на Роксана и на малиот Александар, јавува Канал 5.
„Се наоѓаме во периодот на крајот од последната четвртина од четвртиот век пред нашата ера, односно по смртта на Александар Велики и во периодот кога тука доаѓаат, по неговата смрт, неговата сопруга и малиот Александар“, вели Катерина Перистери – одговорна во одделот за праисториски и класични антиквитети, пренесува Канал 5.