Екипата на Барселона се наоѓа пред пласман во финалето од Лигата на шампионите, откако синоќа на свој терен го победи Баерн Минхен со убедливи 3:0. Сите три погодоци Каталонците ги постигнаа во последните петнаесетина минути од првиот меч во полуфиналната пресметка.
Тандемот од нападот Меси – Нејмар беа творци на победата со која избраниците на Луис Енрике направија голем исчекор кон завршницата во елитното натпреварување.
Лионел Меси погоди во 77. и 80.минута, Нејмар ја запечати победата во судиското надополнување.
Реванш натпреварот во Минхен ќе се одигра на 12 мај.
Во вторникот, во првиот дуел од другото полуфинале, Јувентус на домашен терен го победи Реал Мадрид со 2:1. Реваншот меѓу овие две екипи е во Мадрид на 13 мај.