Активистот за граѓански права и слободи, Никола Наумовски, вели дека иако тој бил нападнат од страна на новинарот Антонио Димитриевски, сепак добил еднаква прекршочна пријава кога настанот го пријавил во полициска станица, додека медиумите ја изманипулирале случката до тој степен што вистината била целосно извртена.
Овој случај, вели Наумовски, уште еднаш покажува дека државните органи не само што се индиферентни на нападите врз критичарите на власта, туку ја играат улогата на соучесници.
Сега се повторува, вели тој, инцидентот од 2008 година кога на плоштад беа тепани активисти кои протестираа против изградба на црква, а при тоа полицијата не ги заштити. Ниту еден од тепачите, потсетува Наумовски, не е казнет, а тепаните активисти кои го пријавиле настанот се здобиле со прекршочна пријава за нарушување на јавен ред и мир.
– Соучесничкиот однос на полицијата се согледува во тоа што јас и Димитриевски добивме еднакви пријави иако ја видеоа снимката. За разлика од него, кој може да биде кривично гонет за нападот, јас добив плус и прекршочна пријава за нарушување на јавен ред и мир затоа што наводно не сум смеел да лепам постери на трансформатор. Најлошо е што се гледа дека нападот е синхронизиран меѓу медиумите и државата, во случајов полицијата, кога се гледа како беше претставен. Во медиумите беше спомената мојата роднинска врска со опозицијата, дека јас сум нападнал новинар на работно место, беше пренесена изјава само од едната страна, и плус реакција од здружение на новинари кое нема никакава адреса и не можам да ги демантирам – вели тој.
МРТ, посочува, ја пренела неговата изјава, но „така елегантно пресечена што може да се сфати само дека се случила тепачка.“
– Во последно време реториката е сменета, заради таа доминација која ја имаат во медиумите можат безочно да лажат и да ги тераат другите да учествуваат во лагата, „Сител“ беше на лице место, ме снимаше како стојам и ја чекам полицијата, а не се дрзна да ми побара изјава – посочи Наумовски.
Славчо Димитров, од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, вели дека најосновен проблем во нарушената слобода на изразување е токму тоа што е ограничен пристапот до информации. Тој потсети дека поголемиот број на медиуми воопшто не известија дека тој бил нападнат среде бел ден на улица.
– Луѓето кои се предмет на напади ги обединува критичкиот однос кон власта, затоа не можам да најдам друг виновник освен власта. Таа сака да го контролира развојот на граѓаните и да креира затупено, неинформирано граѓанство кое нема да ги препознава проблемите во државата. Тука е слободата на изразување поопасно загрозена. Нападите кои се случуваат ја имаат таа цел да го спречат излегувањето во јавност на информации кои јасно ќе укажат кои се клучните политички проблеми кои го засегаат граѓанството во овој момент – смета Димитров.
Маја Васева