Петмината либиски новинари од една локална телевизиска станица, се пронајдени убиени, осум месеци откако беа грабнати додека патуваа низ источниот дел на Либија.
Нивните тела се откриени во близината на градот Ал Бајда, во близината на местото каде последен пат се видени живи. Сите петмина се водеа како исчезнати уште од август минатата година.
Претставник на командата на воените сили во Источна Либија изјави дека новинарите се брутално ликвидирани, откако со нож им било пресечено грлото.
Овој претставник тврди дека киднапирањето и убиството е дело на џихадистите од Исламска држава (ИД) кои најдоа сигурно упориште во делови од Либија, а посебно во реонот на градот Дерна, каде е извршено грабнувањето.
Изјавата на овој претставник доаѓа по признанието на бегалци од тој дел на земјата кои подоцна тврделе дека џихадистите ги присилувале да им бидат лојални и да се прикажуваат како приврзеници на ИД, заканувајќи им се дека ќе бидат заклани.
По насилното соборување и ликвидацијата на Моамер Гадафи, во 2011 година, Либија е претворена во земја на безвластие, без вистински државни институции, кои би имале контрола врз територијата на земјата и би ги обезбедувале нејзините граници.
Земјата има две влади кои секоја за себе тврди дека е легитимна. Меѓународно признатата влада пребега во Тобрук, на крајниот исток од државата, близу до границата со Египет, додека противничкиот Парламент избра своја влада во Триполи.
Тоа предизвика големи пространства од земјата да се оставени на разните милиции, милитантни исламистички групи и на џихадистите од ИД или од либиската филијала на Ал Каеда кои често војуваат меѓу себе, брутално убивајќи ги сите кои ќе ги заробат или ќе ги киднапираат.