„Градскиот трговски центар е симболот на модерно Скопје. Еден од ретките кој остана. Во недела, на 26 април 2015 година, граѓаните на Центар можност да гласаат за зачувување на автентичниот изглед на ГТЦ.
Но, ова не е само референдум за ГТЦ. Ова е многу повеќе. Ова е референдум за нашите души.
Ова е референдумот кој ќе го означи почетокот на крајот на владеењето на Никола Груевски. Ова е референдумот на кој граѓаните ќе си ја вратат слободата и демократијата“, изјави на денешната прес конференција потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски.
„Почитувани граѓани на Центар, СДСМ Ве повикува во недела, на 26 април, храбро, одважно и достоинствено како секогаш, како што не личи, да дадеме поддршка за зачувување на автентичниот изглед на ГТЦ.
Во оваа прилика особено би сакал да се обратам до членовите и симпатизерите на ВМРО ДПМНЕ од Центар. Особено ве повикувам вас, да гласате за зачувување на изгледот на нашиот заеднички ГТЦ. Ова не е борба против вас. Овој референдум е наша заедничка борба за нашиот Центар и нашето Скопје. На референдумот во недела особено се значајни вашите гласови. Дојдете на гласачките места, ослободете се и слободно искажете си го својот став. Ајде заедно да го зачуваме автентичниот изглед на ГТЦ, а после заедно да ставиме крај на лудилото во нашата земја и ги вратиме слободата и демократијата во Македонија“, рече Манчевски.