Актуелниот европски шампион, Реал Мадрид ќе биде видно ослабен во вечерашниот реванш четвртфинален натпревар против Атлетико Мадрид во Лигата на шампионите.
Откако уште во неделата беше јасно дека за овој натпревар со големиот градски ривал, Реал односно тренерот Карло Анчелоти, не ќе може да смета на Велшанецот Герет Бејл и Хрватот Лука Модриќ, кои се здобија со повреди на мечот против Малага во шпанската Примера, сега „Кралевите’’ остануваат и без Французинот Карим Бензема.
Во краткото соопштение објавено на официјалната веб страна на Реал Мадрид, се наведува дека и покрај напорите на лекарскиот тим да го оспособи, од повредата на коленото, сепак таа е од посериозен карактер, по што Бензема ќе мора да паузира во наредните две седмици.
Деталните лекарски прегледи покажаа дека Французинот има идентична повреда како и Лука Модриќ, истегнување на лигаментите на коленото.
Покрај тројцата повредени фудбалери, во составот на Реал ќе го нема ниту дефанзивецот Марсело, кој ќе мора да одлежи казна од еден натпревар поради суспензија, односно акумулирани жолти картони.
Реванш натпреварот од четвртфиналето во Лигата на шампионите, меѓу Реал и Атлетико, ќе се игра утревечер на „Сантијаго Бернабеу’’ со почеток од 20 часот и 45 минути.
Потсетување дека првата средба на теренот на Атлетико, заврши без голови 0:0, а Реал по минатогодишниот триумф во финалето од Лигата на шампионите, сезонава во седумте одиграни натпревари е сеуште без победа.