Архитектите Никола Стакинов и Лазар Димов ќе бидат одговорни за нови четири фасади во центарот на Скопје откако Град Скопје ги избра нивните идејни решенија како најуспешни на конкурсот за реконструкција на фасади. Стакинов и Димов ќе редефинираат три згради кои се наоѓаат на плоштад ВМРО, како и уште една зграда на улица „Димитрија Чуповски“. Како прворангирани на конкурсот добиле награди во износ од по 40.000 денари за првите три згради, и 25.000 денари за последната.
Водејќи се од нивната досегашна работа, може да се претпостави дека овие загради ќе бидат преобликувани во неокласичен стил. Тандемот е одговорен за предната фасадата на зградата каде се наоѓа кафеаната „Пелистер“, која чинеше 239.000 евра за 1100 метри квадратни, при тоа задната страна остана недопрена. Одговорни се и за изгледот на административната зграда која се издигна во некогашниот парк спроти хотел „Бристол“ која ја гради владината Служба за општи и заеднички работи. Стакинов во соработка со Жарко Чаушевски го изработи идејното решение и за зградата од другата страна, каде ќе биде сместен Советот за радиодифузија и за чии потреби мораше да се уништи последното парче зеленило од овој парк.
Имињата на Стакинов и Димов се наоѓаат на трудовите за рефасадирање на повеќе станбени објекти на улица „Македонија“, улица „Никола Вапцаров“ и булевар „Илинден“, а кои се во процес на реконструкција. Тие се едни од најангажираните архитекти во фасадната промена на скопскиот центар и нивните трудови често се рангираат како најдобри на конкурсите.
Сепак, градската администрација на Скопје има потешкотии да обезбеди идејни решенија за преостанатите станбени згради во центарот и неколку пати до сега ги поништуваше конурсите или завршуваа неуспешно. Така и со последниот конкурс Град Скопје не успеа да обезбеде идеен проект за четири згради на улица „Димитрие Чуповски“ и за девет згради на плоштад ВМРО.
Избрано е решение за објектот број 42 на булевар „Илинден“ и најдобро е рангиран трудот на архитектот Васил Велков, додека за седум згради не конкурирал ниту еден архитект. Пристигнатите трудови, пак, за четири згради на Илинденска не се во согласност со критериумите.
„Предложените решенија естетски не ги задоволуваат зададените конкурсни барања и не ја запазува амбиенталната средина на просторот“, објаснуваат од Град Скопје.
Маја Васева