Десетици демонстранти се повредени на тунискиот остров Џерба во судирите со полицијата откако властите повторно ја отворија контроверзната депонија за отпад.
Демонстрантите излегоа на улиците во саботата, 6 октомври, да го блокираат пристапот до локацијата, но откако пропаднаа преговорите со владата, судирите продолжија наредниот ден. Всушност, и покрај ветувањата дека нема повторно да се отвори депонијата за отпад во овој познат туристички центар и покрај волјата на локалното население, властите решија повторно да ја отворат.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи на Тунис, Калед Таруч, изјави за државната телевизија Wataniya TV дека демонстрантите повредиле 49 полицајци фрлајќи камења и молотови коктели, но демонстрантите тврдат дека полицајците испровоцирале насилство.
Еден од демонстрантите на својот Твитер напиша дека полицијата употребила боева муниција и солзавец за да ги растера демонстрантите. Исто така, други демонстранти преку социјални мрежи потврдија дека активистот Мухамед Али Борџи е погоден од куршум, пренесува либанскиот весник Ал-акбар.
До неделата навечер ситуацијата се смири, а силите за безбедност беа распоредени на островот. Во моментов не се регистрирани смртни случаи, пренесува CNN.
Да потсетиме, откако со револуција минатата година беше соборен претседателот Бен Али, владата ја презедоа исламисти. Но, новата влада не го донесе посакуваниот прогрес. Напротив, овој протест е само еден од многуте од општото незадоволство на населението поради лошите услови за живот, растечката невработеност, недостаток на вода и струја, па дури и стравот од губење на некои достигнувања како што се законите за полова еднаквост.