На состанокот во Белград во присуство на раководствата на клубовите донесени се заклучоци регионалната кошаркарска АБА лига да ја направи бараната трансформација за да продолжи да постои како признаена од Европската федерација – ФИБА Европа.
– Со цел подигање квалитетот и прилагодување на потребите и интересите на клубовите, на состанокот на претставниците на клубовите од АБА лига со раководството на АБА лига/АБА Сидра ДОО одржан на 13 април во Белград, беше одлучено дека до 5 мај 2015 година, да се изработат нормативни акти со цел да се трансформира сопственоста и контролата структура на натпреварувањето за што ќе се дискутира на Собрание, соопштија од АБА лигата.
Новата структура ќе биде модел изграден на база на Евролигата така што сопственоста ќе биде во рацете на клубовите.
Планот за трансформација ќе биде претставен на следниот состанокот на Собранието на АБА кој ќе се одржи веднаш по крајот на плеј-офот.
Претставниците на клубовите заклучија дека АБА лига има голем придонес за промоција и подигање на квалитетот на клубови од целиот регион и кошарка во целина и како таква, таа претставува апсолутен интерес на сите клубови.
– Клубовите од АБА лигата се убедени дека националните асоцијации ќе ја дадат поддршката на трансформацијата со цел да се зачува регионалното натпреварување што е во заеднички интерес на кошарката во регионот, стои во соопштението.
Веќе трета година дел од АБА лигата е и македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром.