Дури 85 отсто од граѓаните на Општина Центар ја поддржуваат иницијативата да се одржи референдум на кој ќе се одлучува за изгледот за Градскиот трговски центар, на скалата, пак, од 1 до 10 да одговорат колку се заинтересирани за идниот изглед на ГТЦ, дури 59 отсто одговориле со 10, односно дека се целосно заинтересирани.
82 отсто одговорле дека ГТЦ треба да се реновира, но да го задржи автентичниот изглед, а 9,5 отсто сметаат дека објектот треба да добие целосно нов лик во барок. Ова го покажува истражувањето што го спроведе иницијативата „Го сакам ГТЦ“ преку анкета во која биле интервјуирани 600 испитаници.
Поради високите проценти за поддршка на ГТЦ и на иницијативата за негова заштита, активистите се оптимисти дека референдумот ќе биде успешен и дека граѓаните ќе го дадат својот глас за заштита на објектот.
За да не остават ништо на случајноста во следниот период невладините организации ќе спроведат кампања со која ќе ги анимираат центарци за нивната улога во одбраната на ГТЦ.
По тој повод утре од 17.30 до 21.00 часот во мобилната галерија на Центарот за современи уметности во Паркот на франкофонијата ќе биде организирана средба на волонтери и активисти во која можат да се вклучат сите заинтересирани со свои идеи. Даница Павловска од иницијативата вели дека референдумот што ќе се одржи на 26-ти април ќе испише нова страница во развојот на македонската демократија.
– Овој ден историјата ќе го запамети како почеток на вклучување на македонските граѓани во процесот на носење одлуки од заеднички интерес. Го повикуваме секој жител на општина Центар да го искористи своето право на глас и со тоа да придонесе кон развојот на демократијата во нашата држава – апелира таа.
Никола Писарев, од „Го сакам ГТЦ“, вели дека со референдумот граѓаните конечно ќе имаат можност да одлучуваат за урбаниот пејзаж во кој живеат.
– Настаните ќе започнат од понеделник со најава на кампањата. До 26-ти треба да допреме до секој граѓанин на Центар дека тој е тој што одлучува. Како иницијатива сме гледале да имаме креативни настани така и овој пат ќе има форум, активности за најмладите, изложби на стари фотографии. Целта ќе биде да допреме до секој граѓанин и да му ја објасниме важноста од неговото учество – посочува тој.
Сите оние кои сакаат да волонтираат, помогнат или на било каков начин да придонесат кон зачувување на ГТЦ, можат да се пријават на регистарот за волонтери поставен на фејсбук страната на иницијативата „Го сакам ГТЦ“.
Маја Васева