Милчин: Грујовата медиумска глутница во хајка

Од:

Вчера, 31 март, во 14.37 часот на мејлот на Фондацијата отворено општество – Македонија пристигна оваа порака: „Почитувани, по објавата на дел од медиумите за финансискиот надомест кој сте го исплаќале на сопругата на еден од осомничените во акцијата „Пуч“, би сакале согласно начелото на транспарентност за кое се залагате да не известите по кој основ е ангажирано ова лице и со која висина на финансиски надомест. Со почит, Бранислав Јанески, новинар“. Во 15.24 часот истиот ден одговорив: „Почитуван, согласно со истото начело би било убаво да кажете во кој медиум сте новинар. Да не сте од некој медиум кој веќе објави нешто за тоа колку ’инкасирала‘ сопругата на осомничениот? Поздрав, Владимир Милчин“.

Одговор не добив од тој што беше прашал, но одговорот го најдов на сајтот на телевизијата Сител и нештата станаа појасни. Не ме мрзеше и потрошив малку време за да откријам дека еден ден порано, на 30 март, глутницата од Грујовата медиумска штала ја започнала најновата хајка против Фондацијата, со која треба да се вовлече во она што власта го вика „Пуч“, а досега се покажува како „Пуќ“. Гнасна хајка чија жртва е сопругата на еден од осомничените во тоа што власта го вика „Пуч“. Хајката е смрдено јајце снесено во полициски кругови кое сега го тркала медиумската глутница позната по својата „вистинољубивост“.

На 30 март во 15.33 часот порталот Нетпресс објавува текст под наслов „СОРОС со илјадници евра го финансира семејството на еден од осомничените во ’Пуч‘“. Речиси истиот наслов, со тоа што наместо „еден од осомничените“ пишува „петто осомничениот“, го објавува порталот Курир во 15.46. Насловот на Курир го преземаат порталите Вистина во 16.28, Пресс 24 во 16.23, Фокс во 16.28, Максим во 16.36, Пулс24 во 16.48 и РСМ во 16.56 часот. Во 16.57 часот Сител внесува новина, па објавува наслов „Сопругата на петообвинетиот во случајот Пуч инкасирала 130.000 евра од СОРОС“. Но, Дневник ја крева цената, па во 19.06 објавува наслов „Сопругата на петтосомничениот во ’Пуч‘ добила 200.000 евра од СОРОС“.

А Република, од непознати причини, во 19.20 часот го демантира Дневник со насловот „Сопругата на петообвинетиот во случајот Пуч инкасирала 130.000 евра од СОРОС“. Во 19.40 порталот Пулс24 го копира насловот од Република. Но, Алфа во 19.45 го претпочита насловот на Дневник. Истото го направи и порталот Денешен во 20.28 часот.

Не знам, но можам да претпоставам кој ја храни со дезинформации медиумската глутница, па така таа еднаш спомнува 130.000, па потоа крева на 200.000, па пак спушта на 130.000. Не знам, а не можам ни да претпоставам колку инкасирала медиумската глутница за хајката што трае веќе три дена.

Но, да се вратиме на фактите кои секогаш ја нервираат глутницата и нејзините господари. Сопругата на осомничениот во, како што власта милува да каже, „Пуч“, има засновано редовен работен однос во Фондацијата отворено општество – Македонија од 1 јули 1993 година. Како редовно вработена, таа е пријавена во соодветниот завод, а Фондацијата за неа, како и за сите вработени, ги плаќа сите придонеси предвидени со закон, односно го полни буџетот на Република Македонија со парите на странскиот државјанин Џорџ Сорос, кои Фондацијата ги добива на сметката што ја има во една од домашните банки.

Значи, сопругата на осомничениот не „инкасирала“ ниту едно евро, туку ја заработувала и ја заработува својата плата што ја добива на трансакциска сметка и за неа секоја година поднесува пријава во УЈП. И Фондацијата, која е правно лице регистрирано во Република Македонија, секоја година поднесува пријава во УЈП. И секоја година поминува низ надворешна ревизија чии наоди се достапни за јавноста.

Значи, колку и да изнесува приходот на сопругата на осомничениот во изминатите 22 години, тој приход е легален, регистриран и пријавен. И сите придонеси и даноци се платени. Без да се потроши еден единствен денар од македонскиот буџет. А сега ме интересира дали истото може да се каже за приходите што ги инкасирале душкалата и хајкачите од медиумската глутница и нивните заповедници!
Владимир Милчин

Би можело да ве интересира

Организаторите на пучот во Германија купувале оружје и во Хрватска

Горан Наумовски

Пучдемон бара од Општиот суд на ЕУ да му го врати европратеничкиот имунитет за да избегне екстрадицијата во Шпанија

Ана Ололовска

42 илјади евра ќе му плати државата на Верушевски зашто бил неосновано притворен

Васко Маглешов

(ВИДЕО) Судот со двојни аршини: За „Пуч“ дозволи, за 27 април обвинението се оценува без јавноста

Васко Маглешов

Верушевски за душевна болка бара 71 илјади евра од државата зашто бил неосновано уапсен и притворен

Васко Маглешов

ВИДЕО: Ако не чуле обвинителите досега, еве сега нека истражат кој нè местел во „Пуч“, повика Заев

Васко Маглешов