Екипите кои ќе се натпреваруваат следната сезона во фудбалската Лига на шампиони ќе поделат 1,25 милијарди евра, што е за 25 проценти повеќе во однос на тековната сезона, соопшти УЕФА.
УЕФА реши да го зголеми и паричниот фонд за учесниците во второто по квалитет натпреварување, Лига Европа и тоа од сегашните 232 на 380 милиони евра во наредните три сезони.
Како што изјави генералниот секретар на УЕФА Џани Инфантино, европската куќа на фудбалот преку „дополнителната солидарна плата“ ќе подели околу 2,25 милијарди евра секоја сезона, во кои ќе биде вклучена и сумата пари по основ на права од телевизиските преноси.
Во моментов секој учесник во Лигата на шампионите заработува минимум од 8,6 милиони евра, кои се зголемуваат во зависност од постигнатите резултати со дополнителни, еден милион за секоја победа во групната фаза, па се до дополнителни 10,5 милиони евра колку заработува победникот во финалето, односно освојувачот на шампионскиот трофеј.
Победникот на годинашното финале ќе добие бонус од 37,4 милиони евра, плус дел од 400 милиони евра заработени ТВ права.