(ВИДЕО) Селмани: Горан Петрески да ги објави бомбите, не дава отчет пред Зврлевски туку пред граѓаните

Од:

Тотално неиздржано и смешно е објаснувањето на уредниците во Македонската радио телевизија да не ги емитуваат бомбите на опозицијата затоа што така им наложило Јавното обвинителство, вели претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани.

Тој вели дека Јавното обвинителство не е орган кој смее да им наложува на медиумите што смеат, а што не смеат да објавуваат. Бомбите, вели, треба да се најдат во вестите на јавниот сервис затоа што се од јавен интерес за граѓаните.

– Нема член во ниден закон обвинителството да им кажува на новинарите што да објавуваат и што да не објавуваат. Новинарите имаат обврска да информираат за прашања од јавен интерес. Разговорите што ги објавува опозицијата за злоупотреба на власта се од јавен интерес и МРТ мора да ги објави. Објаснувањето на раководството во МРТ е неиздржано и смешно- вели Селмани.

Прет СДСМ за започне со проектот „Вистината за Македонија“, Јавното обвинителство испрати соопштение до медиумите со кое порача да не бидат објавени материјали кои се неовластено снимени и прибавени.

ЗНМ реагираше на тоа соопштение со препорака медиумите да објават се што е од интерес на јавноста. Насер вели дека мешањето на Јавното обвинителство во редактирањето на вестите е обид да се прикрие вистината.

Јавното обвинителство, подвлекува тој, ја злоупотреби позицијата за да изврши притисок врз новинарите.

– МРТ нема обврска да слуша што кажува Јавното обвинителство, таму има новинари кои треба да се водат од вистината. Во нашиот етички кодекс пишува дека новинарите ќе ги почитуваат законите во државата, но освен ако тоа е во спртивно со јавниот интерес. Ние сме над законот кога има јавен интерес. Бомбите се пар екселанс прашање од јавен интерес. Ако тоа не го објават тогаш што ќе објавуваат? Што мислат, дека со тоа јавноста нема да биде информирана. Имаат обврска тоа да го објават, не даваат отчет пред Јавното обвинителство, туку пред Собрание и пред граѓаните кои ги плаќаат – вели претседателот на ЗНМ.

Граѓаните, вели тој, со право се незадоволни од работата на МРТ. Јавниот сервис, вели, не е јавен, туку е партиски затоа што служи за потребите на владејачката гарнитура.

Селмани смета дека тоа може да се смени само доколку МРТ обезбеди одржлив и независен начин на финансирање.

– Ако јавниот сервис сака да биде партиска телевизија тогаш нека го плаќаат партиите на власт, а не ние како граѓани да имаме обврска да плаќаме радиодифузна такса – посочува тој.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

ЗНМ: Попречувањето на новинарската работа е недозволиво

А1он

(ВИДЕО) Украина: Русија почна масовно да користи термобарични боеви глави

Горан Наумовски

Полицајци пронашле рачни бомби поставени на планинарска патека

Горан Наумовски

ЗНМ: Грубо прекршување на правата на новинарката Мирослава Симоновска: Повик за итна истрага

Чадиковски ги повика институциите да се најдат сторителите на запаленото возило на директорот и новинар на штипската Телевизија М НЕТ

ЗНМ: Запалено возилото на колегата Серсемов, бараме итна акција на МВР