Повеќе од 770 училишта во Обединетото Кралство – вклучително 470 во Шкотска и над 300 во Северна Ирска – денес добиле идентични електронски пораки што содржат закани за поставени бомби.
Од шкотската полиција (Police Scotland) соопштија дека нивната единица за сајбер-криминал и измами спроведува опсежна истрага за да го утврди изворот на пораките, додека службениците продолжуваат да соработуваат со партнерите од органите на редот низ Обединетото Кралство и на меѓународно ниво, пренесе „Independent Radio News“. Од шкотската полиција наведоа дека пораките се проценети и се третираат како лажни закани.
Управата за образование на Северна Ирска соопшти дека пораката испратена до училиштата во нејзина надлежност покажува сличности со лажна закана од минатиот месец.
Најмалку 300 училишта во Италија денес беа евакуирани откако добија иста електронска порака со закана за бомба, во која се содржеше и закана упатена кон италијанската премиерка Џорџа Мелони, изјави италијанскиот министер за образование Џузепе Валдитара.
Тој напомена дека бројот на училишта што ги добиле заканувачките пораки може да се зголеми, пренесува агенцијата АНСА.
Пораката испратена до училиштата ја содржи заканата: „Ќе ве уништиме“, а е потпишана со името „Михаил Андропов“. Во е-пораката исто така се наведува: „Поставивме бомба во моторот на автомобилот на вашата премиерка“.
Сличен инцидент се случи во Италија пред неколку дена, кога електронска порака беше испратена до 280 директори на училишта. Во Европа, неодамна, супермаркети, банки за крв, воздушниот сообраќај и телевизиски станици беа цел на хибридни напади.
Заканувачките електронски пораки испратени до телевизиски станици и авиони низ Европа, исто така, беа потпишани со името Михаил Андропов.
