Напаѓачот на Атлетико Мадрид Фернандо Торес синоќа со својот клуб изборија пласман во четвртфиналето на Лигата на шампионите по подобро изведување на пенали на средбата со Баер Леверкузен, а за тој натпревар рече дека вечно ќе го памти.
– Кога последен пат бев на овој стадион на натпревар од Лигата на шампионите седев на трибина. Имав 11 години и бев во улога на навивач. Сега, со својот клуб за кој навивам од мали нозе поминавме во четвртфиналето и тоа е нешто што засекогаш ќе го памтам, изјави Торес.
Тој додаде дека Атлетико одигра добро, а како што рече, имаше и малку среќа потребна за да се слави по изведувањето на пеналите.
Шпанскиот шампион во основните 90 минути ја анулира предноста на Баер Леверкузен од 1:0 од првиот натпревар, во продолженијата немаше голови, па во реваншот победникот се решаваше по ударите од белата точка.