Во Јангун денеска се обновени мировните преговори меѓу властите и претставници на 16 племиња кои се борат за автономија или отцепување од државата, поранешна Бурма. Во преговорите учествува и раководството на најсилното бунтовничко движење на племето Качин од провинцијата Шан со кое армијата на Мјанмар имаше жестоки судири во последните три недели.
Ова е седма средба меѓу властите и бунтовниците, што се оддржува по укинувањето на воената диктатура во Мјанмар во 2009 година. Последната, шеста, средба беше прекината лани во септември, без договор, а вооружените судири продолжија во повеќе области во државата.
Претставниците на племињата вчера имаа одделни средби со претседателот на Мјанмар Теин Сеин, потпретседателот Саи Кам и началникот на генералштабот Мин Аунг Хианг. По овие средби беше издадено соопштение за обостраната подготвеност мировните преговори да се завршат успешно.