Лидерот на прокурдската Демократска партија на народите Сељахатин Демирташ денеска упати критика кон турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, поради неговиот став дека во Турција не постои курдски проблем.
– Ако нема курдски проблем зошто продолжува мировниот процес, запраша Демирташ.
Ердоган на вчерашниот митинг во Балкесир истакна дека во Турција нема курдски проблем и оти Курдите имаат исти права со другите граѓани.
Демирташ посочи дела има противречност меѓу Ердоган, кој го негира постоењето на курдскиот проблем и ставот на премиер Ахмет Давутоглу и другите владини претставници за следните чекори во процесот на мирно решавање на курдскиот проблем.
– Едниот од нив го негира постоењето на проблемот, а другиот зборува за чекори, што треба да бидат преземени. Сето тоа е предизборна кампања, посочи Демирташ, додавајќи оти националистичката реторика на Ердоган и на Владата ќе се зголемува за да добијат поголем број на гласови на парламентарните избори, што се закажани на седми јуни.
– Ние како Демократска партија на народите секогаш сме изјавувале дека немаме доверба во политиката на Партијата на правдата и развојот. Ние не веруваме дека таа ќе преземе чекори (во рамките на мировниот процес), посочи Демирташ, додавајќи оти неговата партија ќе продолжи активно да учествува во мировниот процес.