Во светот минатата година се продадени рекордни 1,2 милијарди смартфони, што претставува раст од 23 проценти за една година, а примат имаат уредите со голем екран, објави меѓународната истражувачка агенција ГФК, со седиште во Велика Британија.
Од продажба на самртфони на глобално ниво е остварен вкупен приход од 381 милијарда долари, што претставува раст од 15 отсто на годишно ниво.
Најголем придонес кон вкупните резултати, според ГФК, има во четвртиот квартал од годината кога се продадени 346 милиони уреди или за 19 проценти повеќе во споредба со претходно тримесечје.
Сепак, за годинава се очекува забавување на продажбата на смартфони поради заситување на пазарите, особено на земјите во развој. Поради тоа, годинава се очекува раст од 14 проценти на продажбата на смартфони, споредено со 23 отсто во 2014 година.