Во врска со објавените информации во јавноста поврзани со проектите ХЕ Бошков Мост и ХС Луково Поле, а поради правилно информирање на јавноста АД ЕЛЕМ го дава следното соопштение.
АД „Електрани на Македонија“ нема добиено официјално известување од Европската Банка за обнова и развој(ЕБОР) за прекин на активностите во врска со проектот ХЕ „Бошков Мост“. Напротив, сите активности кои се реализираат согласно политиките на меѓународната финансиска институција течат според предвидената динамика и се во целосна согласност и координација, како и во согласност и координација со надлежните институции во Република Македонија.
АД ЕЛЕМ ја разбира загриженоста на засегнатите невладини организации и уште еднаш нагласува дека енергетските проекти „ХЕ Бошков Мост“ и „ХС Луково Поле“ се изведуваат според строгите оперативни политики на Банката, како и ЕУ Директивите во областа на заштита на животната средина,а моментно се изработуваат детални анализи за влијанието врз животната средина. Сите наоди ќе бидат земени во предвид и ќе бидат испочитувани во целост при реализација на предметните проекти.
Во изминатиот неколкугодишен период превземени се низа активности за оценка на влијанието врз животната средина за овие енергетски објекти. За таа цел, за „ХЕ Бошков Мост“ е изработена Студија за оценка на влијанието врз животната средина согласно строгите ЕУ директиви, а во изминативе две години се реализирани и дополнителни подготвителни активности како дел од зацртаните обврски произлезени од Акцискиот план за заштита на животната средина и социјалните аспекти. Во изминатиот период завршен е едногодишниот био мониторинг и мониторинг врз животната средина на територијата на идната електрана, со кој се предвидени и усвоени дополнителни мерки за заштита и минимизирање на евентуалните несакани влијанија од проектот. Во моментов се реализираат и активности кои исто така се дефинирани во делот на заштитата на биолошката разновидност и одржливо управување со природните ресурси.
Во тек е подготовка на акватична анализа на биодиверзитетот и збирен преглед на предложените мерки од одобрената студија за оценка на влијанието на ХЕ Бошков Мост врз животната средина, кои се резултат од спроведениот едногодишен четири сезонски мониторинг на биодиверзитетот и животната средина на проектното подрачје. Извештаите од овие активности ќе бидат доставени до сите релевантни институции и засегнати страни. Во согласност со препораките од ЕБОР, како и од препораките произлезени од Акцискиот план за заштита на животната средина и социјалните аспекти, интензивно се изведуваат активности од страна на повеќе експертски тимови и во целост се усогласени со барањата на засегнатите страни, како што се невладини организации, локалното население, здруженија на граѓани и надлежните институции.
Во однос на „ ХС Луково Поле“, во овој момент во финална фаза е изработката на Студијата за оценка на влијанието врз животната средина (СОВЖС) на која работи реномирана светска компанија од Франција и истата се очекува наскоро да биде завршена. Следејќи ја законската регулатива, по одржување јавна расправа ќе се изврши прибирање на забелешки од сите засегнати страни.
Студијата на крај ќе биде одобрена или доставена на доработка од МЖСПП во која ќе се земат во предвид сите мерки за намалување на негативното влијание врз животната средина.
Во соработка со Европската банка за обнова и развој, Светска банка и надлежните институции во Република Македонија, АД ЕЛЕМ останува посветено и транспарентно да работи на реализација на овие значајни енергетски проекти во согласност со сите меѓународни директиви за заштита на животната средина.