Северна Кореја им забрани на странците да учествуваат на меѓународниот маратон што во април традиционално се оддржува во Пјонгјанг, заради стравот од ширење на вирусот на еболата, соопшти денеска туристичката агенција специјализирана за водење туристи во оваа изолирана азиска земја.
-Нашите партнери од Пјонгјанг ни кажаа дека „Маратонот Пјонгјанг 2015“, од денеска е затворен за аматери и професионални странски тркачи, потврди Ник Бонер директор на „Корио турс“ со седиште во Пекинг.
И туристичката агенција „Пионир турс“, исто така, со седиште во Кина, која води западни туристи во Северна Кореја, ја потврди забраната иако Северна Кореја е на илјадници километри од епицентарот на еболата, која изби на западот на Африка.
Американските медиуми додаваат дека официјални претставници на Северна Кореја им забраниле на странците да учествуваат на најпопуларната туристичка манифестација, што се оддржува еднаш годишно во Пјонгјанг, заради постојаната загриженост околу ширењето на вирусот на ебола.
Иако немаше пријавени случаи на ебола ни блиску до Северна Кореја, Пјонгјанг уште во октомври ги затвори „своите врати“ за странските туристи, воведувајќи настроги мерки на светот против еболата, бидејќи севернокорејските медиуми јавуваат дека „еболата е создадена во американската армија како биолошко оружје“.