Постојаниот претставник на Ирак во ОН, Мохамед ал Хаким, го повика Советот за безбедност на ОН да ги истражи тврдењата дека Исламска држава продава човечки органи како начин за финансирање на своите операции, пренесоа американските медиуми.
Ирачкиот дипломат изјави дека во текот на последните неколку недели откриени биле тела со хируршки резови, на кои им недостасувале бубрези или други органи. Тие биле откриени во плитки масовни гробници.
Во ирачкиот град Мосул биле убиени десетина лекари затоа што одбиле да соработуваат во обезбедувањето органи, додаде тој.
Освен тоа, ирачкиот дипломат ја обвини Исламска држава за геноцид заради нападите кон точно определени етнички групи.
Специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН во Ирак, Николај Младенов, пред Советот за безбедност изјави дека само во јануари годинава 790 лица биле жртви на терористички напади и вооружени конфликти. Бугарскиот дипломат забележа и за зголемен број информации и тврдења дека Исламска држава ја користи продажбата на органи како метод за свое финансирање.
Според Младенов, најважната цел за Ирак е враќање на огромната територија, што од минатата година е под контрола на Исламска држава.